Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 13:17-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората.

18. Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен?

19. Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени?

20. Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје.

21. Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат.

22. Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет.

23. Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви.

24. Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму.

25. По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа.

26. Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата.

27. И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нè испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови.

28. Но силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи. А видовме таму и Енакови потомци.

29. Амаликците живеат во Негевскиот крај; Хетејците, Евусејците и Аморејците живеат на планината, а Ханаанците се наоѓаат покрај морето и вдолж на Јордан.”

30. Халев го замолчи народот околу Мојсеја и проговори: „Да тргнеме не двоумејќи се и да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме!”

31. Но луѓето кои одеа со него одговорија: „Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас.”

32. И почнаа да ја прикажуваат лошо, пред Израелците, земјата што ја согледуваа: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги голта своите жители. Сиот народ што го видовме во неа се луѓе со крупен раст.

33. Видовме и дивови таму - Енаковото потомство од дивови. Ни се чинеше дека сме како скакулци спрема нив.”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 13