Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 11:23-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.”

24. Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот.

25. Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш.

26. Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот.

27. Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!”

28. Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!”

29. Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!”

30. Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот.

31. Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата.

32. Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот.

33. Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор.

34. Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 11