Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 1:35-53 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

35. Избројаните од Манасиевото племе беа триесет и две илјади и двеста.

36. Кога беше утврдено потомството на Венијаминовите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

37. Избројаните од Венијаминово племе беа триесет и пет илјади и четири стотини.

38. Кога беше утврдено потомството на Дановите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

39. Избројаните од Дановото племе беа шеесет и две илјади и седум стотини.

40. Кога беше утврдено потомството на Асировите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

41. Запишаните од Асировото племе беа четириесет и една илјада и пет стотини.

42. Кога беше утврдено потомството на Нефталимовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

43. Избројаните од Нефталимовото племе беа педесет и три илјади и четири стотини.

44. Тоа се оние кои ги избројаа Мојсеј и Арон со дванаесетте израелски главатари, по еден човек од секој татковски дом.

45. Беа избројани сите Израелци, по татковските домови, од дваесет години и повеќе, сите способни за војна во Израел.

46. И така, сите избројани беа шест стотини и три илјади пет стотини и педесет.

47. Меѓу нив не беа вброени левитите по поколенијата на нивните татковци.

48. Имено, Господ му рече на Мојсеја:

49. „Само Левиевото племе не го внесувај во пописот на Израелците.

50. Туку ти самиот одреди ги левитите за служба во Шаторот на Сведоштвото; за сиот негов намештај и сè што спаѓа во него; тие нека го носат Шаторот и сиот негов прибор; тие нека служат во него и нека го поставуваат својот логор околу него.

51. Кога Шаторот треба да биде преместен, левитите нека го разглобат; а кога Шаторот треба да застане, левитите нека го подигнат пак. Странец кој ќе му се доближи нека биде погубен.

52. Израелевите синови нека ги оптегнуваат своите шатори секој во својот логор; секој при своето знаме, по чети.

53. Левитите нека престојуваат околу Шаторот на Сведоштвото, за да не падне гнев врз Израелевото општество. Така левитите нека чуваат стража околу Шаторот на Сведоштвото.”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 1