Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 50:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка.

10. Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си.

11. Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!” Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан.

12. Јакововите синови направија како што им нареди таткото:

13. го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување.

14. Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.

15. Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?”

16. Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача:

17. ‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.”‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!” На тие зборови Јосиф се расплака.

18. Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нè кај тебе да ти бидеме робови!”

19. Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога!

20. Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ.

21. Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.” Така ги смири со љубезни зборови.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 50