Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 50:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби.

2. Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел.

3. Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови.

4. А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот:

5. мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.”

6. Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.”

7. Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја;

8. целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја.

9. Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка.

10. Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си.

11. Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!” Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан.

12. Јакововите синови направија како што им нареди таткото:

13. го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување.

14. Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.

15. Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?”

16. Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача:

17. ‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.”‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!” На тие зборови Јосиф се расплака.

18. Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нè кај тебе да ти бидеме робови!”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 50