Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 47:17-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Така тие го дотеруваа својот добиток при Јосифа; а Јосиф им даваше леб во замена за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за ослињата. И ги снабдуваше во таа година со леб во замена за сиот нивни добиток.

18. Кога помина годината, дојдоа при него и во втората година и му рекоа: „Не можеме да скриеме од нашиот господар: сребрениците ги снема, добитокот е веќе отстапен на господарот; не ни останува ништо друго да му отстапиме на господарот освен себеси и нашите ораници.

19. Зошто да погинеме во твоите очи, и ние и нашата земја? Купи нè нас и нашата земја за леб; и така ќе станеме фараонови робови заедно со нашата земја; дај ни семе за да преживееме: да не умреме и да не запустат нашите ораници!”

20. Така Јосиф ја купи за фараонот сета Египетска Земја, зашто секој Египетец, кога го притисна гладот, ги продаде своите ниви. Така земјата стана фараонова сопственост,

21. а народот, од едниот до другиот крај на Египет, негово робје.

22. Единствено не ги купи свештеничките имоти, зашто фараонот им даваше на свештениците одреден дел, и така живееја од приходот што им го даваше фараонот, затоа не ги продадоа своите имоти.

23. А Јосиф му рече на народот: „Бидејќи денес ве купив за фараонот и вас и вашата земја, еве ви семе, па засејте ја земјата.

24. Но кога ќе биде жетвата, ќе му давате на фараонот една петина, додека четири петини ќе ви остануваат вам: за засејување на полето, за храна за вас и за оние, кои се во вашите домови и за храна на вашите деца.”

25. Тие одговорија: „Ни го спаси животот! Ние сме му благодарни на нашиот господар, зашто можеме да бидеме фараонови робови.”

26. Така Јосиф го постави земјоделскиот закон во Египет, што важи и денес: петината му припаѓа на фараонот; исклучувајќи ја само земјата на свештениците, што не му припаѓаше на фараонот.

27. Израел живееше во Египетската Земја, во Гесенскиот Крај; во него добија сопственост; беа плодни и се намножија многу.

28. Јаков поживеа седумнаесет години во Египетската Земја. А должината на Јакововиот живот достигна сто четириесет и седум години.

29. Кога му наближи на Израела времето да умре, го повика сина си Јосифа и му рече: „Ако најдов милост во твоите очи, стави ја раката под моето бедро, за да пројавиш милост и правда кон мене: Не ме погребувај во Египет!

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 47