Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 44:4-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Точно по излегување од градот - не беа заминати далеку - кога Јосиф му рече на началникот на својот дом: „На нозе! Тргни по луѓето! Кога ќе ги стигнеш, речи им: ‘Зошто враќате зло за добро?

5. Зар мојот господар не пие од онаа чаша и не чита пророштва од неа? Направивте зло!’”

6. Откако ги стигна, ги повтори зборовите.

7. Тие одговорија: „Зошто господарот ни зборува така? Далеку да е од твоите слуги да сторат нешто такво!

8. Па и сребрениците што ги најдовме во своите вреќи, ти ги вративме назад од Ханаанската Земја. Како би можеле тогаш да украдеме сребро или злато од куќата на твојот господар!

9. Оној, од твоите слуги, во кого ќе се најде, нека биде убиен, а ние другите ќе му станеме робови на твојот господар.”

10. „Иако е право тоа што го предлагате - рече тој - сепак само оној, кај кого ќе биде најдено украденото, ќе биде мој роб, а другите ќе бидете слободни.”

11. Бргу ги спуштија вреќите на земја и секој ја отвори својата вреќа.

12. Тој пребаруваше, почнувајќи од највозрасниот и завршувајќи со најмладиот, чашата беше најдена во Венијаминовата вреќа.

13. Тогаш тие ги скинаа своите облеки; секој повторно го натовари своето осле и се вратија во градот.

14. Кога Јуда и неговите браќа стапија пак во Јосифовиот дом, тој уште беше таму, и паднаа пред него на земја.

15. Јосиф им рече: „Какво е тоа дело што го сторивте? Зар не знаете дека човек, каков што сум јас, се бави со пророкување?”

16. Јуда одговори на тоа: „Што можеме да му речеме на својот господар? Што можеме да му кажеме? Со што да се оправдаме? Бог го откри злоделото на твоите слуги. Еве нè за робови на својот господар - еднакво и ние и оној, кај кого е најдена чашата.”

17. „Далеку од мене да направам така! - одговори. - Туку, мој роб ќе биде оној, кај кого е најдена чашата, а вие другите одете си мирно при својот татко!”

18. Тогаш Јуда му се приближи и рече: „Господару мој, те молам, дозволи му на својот слуга да му каже збор, на ушите на својот господар, и твојот гнев нека не се разлева на твојот слуга; па ти си рамен на фараонот.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 44