Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 44:19-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Мојот господар ги праша своите слуги: „Имате ли татко или уште некој брат?”

20. Му одговоривме на својот господар: „Имаме стар татко; тој има уште еден син, роден во неговата старост, тој е најмлад, неговиот брат умре, така што тој остана единствен од својата мајка. Неговиот татко го љуби особено.”

21. Потоа им рече на своите слуги: ‘Доведете ми го ваму, за да го видат моите очи!’

22. А ние му одговоривме на својот господар: ‘Детето не може да го остави таткото; кога би го оставил, таткото би умрел.’

23. Но ти им рече на своите слуги: ‘Ако вашиот најмлад брат не дојде со вас ваму, нема повеќе да го видите лицето мое.’

24. Кога се вративме при твојот слуга, мојот татко, му ги кажавме зборовите на мојот господар.

25. Нашиот татко ни рече: ‘Одете пак и набавете ни малку храна!’

26. Му одговоривме: ‘Не можеме таму, само ако тргне со нас нашиот најмлад брат, ќе слеземе, зашто не смееме пред оној човек, ако нашиот најмлад брат не биде со нас.’

27. Твојот слуга, татко ми, ни одговори: ‘Како што знаете, мојата жена ми роди два сина.

28. Едниот го снема, па заклучив: дека е растрган од ѕвер. Оттогаш веќе не го видов.

29. Ако и овој го одведете од мене, па му се случи некаква несреќа, ќе ја фрлите со тага мојата седа глава долу, во Шеолот (гроб).’

30. Ако сега дојдам при твојот слуга, мојот татко, а младецот - чиј живот е поврзан толку со неговиот - не биде со нас,

31. тој ќе умре кога ќе види дека детето го нема со нас; така твоите слуги ќе ја фрлат со тага седата глава на твојот слуга, на татка ни, долу во Шеолот.

32. Зашто твојот слуга му заемчи на татка си за детето, велејќи: ‘Ако не ти го вратам, ќе му бидам виновен на татка си засекогаш.’

33. Затоа, те молам, твојот слуга нека остане како роб на мојот господар, а детето нека оди назад со браќата.

34. Зашто, како ќе отидам при татка си, ако детето не биде со мене! Не би можел да го гледам јадот, што би го снашол татка ми.”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 44