Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 43:20-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. „Прости, господару! Ние, еднаш, и порано дојдовме да набавиме храна;

21. и кога стигнавме во преноќиштето и ги отворивме нашите вреќи; а ете сребрениците на секој од нас: одозгора во неговата вреќа, нашите сребреници, исто количество, сега ги донесовме со себе.

22. А донесовме и други сребреници, за да купиме храна. Ние не знаеме кој ни ги стави сребрениците во нашите вреќи.”

23. „Бидете мирни! - им рече тој. - Не бојте се! Вашиот Бог и Бог на вашиот татко го стави благото во вашите вреќи; вашите сребреници стигнаа при мене.” Потоа им го изведе Симеона.

24. Тогаш човекот ги воведе луѓето во Јосифовата куќа; им даде вода да си ги измијат нозете; а на нивните ослиња им даде храна.

25. Потоа тие ги приготвија своите подароци до Јосифовото доаѓање на пладне, зашто чуја дека ќе ручаат таму.

26. Кога Јосиф дојде дома, му ги дадоа даровите што ги донесоа со себе, и му се поклонија до земја.

27. Тој ги праша за здравјето, а натаму рече: „А дали е добар вашиот стар татко, за кого што ми зборувавте? Дали му е добро здравјето?”

28. „Твојот слуга, нашиот татко, добар е и здравјето му е уште добро”, одговорија и му се поклонија, искажувајќи му почитување.

29. Подигајќи ги своите очи, Јосиф го забележа својот брат Венијамин - синот на мајка си - и праша: „Овој ли е вашиот најмлад брат, за кого ми зборувавте?” И продолжи: „Божјата милост да биде со тебе, сине мој!”

30. Па Јосиф се оддалечи брзо, зашто му се возбуди срцето заради братот; му идеше да заплаче. Влезе во една соба и таму се изнаплака.

31. Тогаш го изми лицето, се јави повторно и, совладувајќи се, нареди: „Послужете ручек!”

32. Му ставија нему одделно, ним одделно, а пак одделно на Египетците, кои јадеа со него. Египетците не би можеле да јадат со Евреи, зашто тоа би им било одвратно на Египетците.

33. И кога седнаа пред него, најстариот според своето првородство, а најмладиот според својата младост, само се загледуваа.

34. И тој наредуваше јадењата од пред него да ги носат при нив, а Венијаминовиот дел беше петпати поголем од сите други. И пиеја и се гостеа со него.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 43