Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 37:22-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!” Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото.

23. Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него;

24. го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа.

25. Потоа седнаа да ручаат. Кога ги подигнаа своите очи, здогледаа поворка Исмаилци, како доаѓаат од Галад. Нивните камили носеа: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет.

26. Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Што ќе постигнеме ако го убиеме брата си, а ја скриеме неговата крв?

27. Ајде, да го продадеме на Исмаилците; но да не дигаме рака на него. Зашто тој е наш брат, наше месо.” Браќата го послушаа.

28. Тогаш пристигнаа луѓе, мадијамски трговци. Браќата го извлекоа од јамата за вода и им го продадоа на Исмаилците за дваесет сребреници, а тие го одведоа Јосифа во Египет.

29. Кога Рувим се врати до јамата за вода и виде дека го нема Јосифа во јамата за вода, ја скина својата облека.

30. А кога се врати при своите браќа, извика: „Детето го нема! Каде ќе се скријам сега јас!”

31. А тие ја зедоа Јосифовата облека, заклаа едно јаре и облеката ја натопија во крв.

32. Му ја испратија шарената облека на таткото и му порачаа: „Го најдовме ова! Гледај, дали е ова облеката на твојот син или не е?”

33. Тој ја препозна и рече: „Облеката е на мојот син! Див ѕвер го растрга! Јосиф е растрган на делови!”

34. И Јаков ја скина својата облека, стави покорничко вреќиште околу половина, и долго време го оплакуваше својот син.

35. Сите негови синови и сите негови ќерки настојуваа да го утешат, но тој не можеше да се утеши. Велеше: „Со тага ќе слезам при својот син во подземјето. Така го оплакуваше неговиот татко.

36. А Мадијамците го продадоа, во Египет, на Петефриј, фараонов царедворец, началник на телохранителите.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 37