Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 32:12-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Ти рече: ‘Ќе ти давам изобилно добрини и твоето потомство ќе го умножам како морскиот песок, што не може да биде изброен заради своето множество.’”

13. Таму ја помина ноќта; а потоа, од она што имаше при рака, му приготви дар на својот брат Исав:

14. двеста кози и дваесет јарци, двеста овци и дваесет овни;

15. триесет камили - доилки со нивните мали камили; четириесет крави и десет јунци; дваесет ослиња и десет ждребиња.

16. Стадо по стадо им ги предаде на своите слуги. Тогаш им рече на своите слуги: „Одете пред мене, но држете растојание меѓу стадата!”

17. А на првиот му издаде заповед, велејќи: „Кога ќе те сретне мојот брат Исав, па те праша: ‘Чиј си? Каде одиш? Чие е ова пред тебе?’

18. Одговори: ‘На твојот слуга Јаков; ова е дар што му го испраќа на својот господар Исав; а тој иде по нас.’”

19. Така им нареди и на вториот, па на третиот, и на сите други што одеа по стадата: „Ова кажете му на Исава кога ќе го сретнете.

20. И кажете му уште: „А твојот слуга Јаков и самиот иде по нас.” Имено, мислеше: „Ако го смилувам, однапред, со подароците, а потоа се соочам со него, можеби ќе ми прости.”

21. Така подароците тргнаа напред, додека тој ја преспа ноќта во логорот.

22. И стана во таа ноќ, ги зеде своите две жени, своите две слугинки и своите единаесет деца и премина преку бродот на Јавок.

23. И ги зеде, ги помина преку потокот, и преведе сè свое. И Јаков остана сам.

24. И Некој се бореше со него до зазорување.

25. Откако виде дека не може да го совлада, му го измести бедрото при зглобот, така што на Јакова му се измести колкот додека се бореа.

26. Потоа рече: „Пушти Ме, зашто се зазори!” Но тој одговори: „Не те пуштам додека не ме благословиш.”

27. Тогаш, го праша: „Како ти е името?” Одговори: „Јаков.”

28. Оној му рече: „Отсега не ќе ти биде името Јаков, а Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето, и победи.”

29. Јаков го праша: „Кажи ми го Твоето име?” А Тој рече: „Зошто прашуваш за Моето име, тоа е чудно?” И го благослови таму.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 32