1. Јаков одеше по својот пат, кога во пресрет му излегоа Божји ангели.
2. Штом Јаков ги забележа, рече: „Ова е Божјо воинство!” Затоа го нарече местото Маханаим.
3. Јаков испрати гласници, пред себе, до брата си Исава во Сирската Земја во месноста Едом,
4. и им наложи: „Вака ќе му речете на мојот господар Исав: ‘Твојот слуга Јаков ти порачува: „Живеев при Лавана, се задржав таму досега.
5. Придобив говеда, ослиња, овци, слуги и слугинки. Му го соопштувам ова на својот господар, за да најдам милост во неговите очи.’”
6. Гласниците се вратија при Јакова и му рекоа: „Бевме кај твојот брат Исав; самиот тој ти доаѓа во пресрет со четири стотини момчиња.”
7. Јаков се исплаши многу. Во загриженоста, ги подели во две дружини: луѓето, стадата, говедата и камилите, што беа со него.
8. Сметаше: „Ако Исав налета на едната дружина и ја нападне, другата ќе може да се спаси.”
9. Тогаш Јаков се помоли: „О, Боже на татка ми Авраама! Боже на мојот татко Исак! О, Господи, Кој ми нареди: ‘Врати се во својот роден крај, и Јас ќе ти сторам добро!’
10. Не сум достоен за сета добрина што му ја искажуваше на својот слуга постојано. Зашто некогаш само со својот стап поминав преку Јордан, а сега станав две дружини.
11. Избави ме од рацете на брата ми, од Исавовите раце! Инаку се плашам дека може да дојде и да нè убие: и мене, и мајките, и децата.
12. Ти рече: ‘Ќе ти давам изобилно добрини и твоето потомство ќе го умножам како морскиот песок, што не може да биде изброен заради своето множество.’”
13. Таму ја помина ноќта; а потоа, од она што имаше при рака, му приготви дар на својот брат Исав:
14. двеста кози и дваесет јарци, двеста овци и дваесет овни;
15. триесет камили - доилки со нивните мали камили; четириесет крави и десет јунци; дваесет ослиња и десет ждребиња.