Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 31:36-55 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

36. Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш?

37. Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата.

38. За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо.

39. Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе.

40. Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи.

41. Од овие дваесет години, што ги поминав во твојата куќа, четиринаесет години ти служев за твоите две ќерки, а шест години за твојот добиток, зашто ми ја менуваше заработувачката десетпати.

42. Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди.”

43. Тогаш Лаван му одговори на Јакова: „Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца; стадата се мои стада; сè што гледаш мое е. Но што можам, денес, да им сторам на своите ќерки и на децата, кои ги родиле?

44. Сега јас и ти да склучиме сојуз, за да биде сведоштво меѓу мене и тебе.”

45. Јаков зеде камен и го исправи како споменик,

46. а тогаш Јаков им рече на своите луѓе: „Соберете камења!” Така тие собраа камења и ги нафрлија на куп. Јадеа, таму, на купот.

47. Тогаш Лаван го нарече Јегар Сахадута (Брег на Сведоштво), а Јаков го нарече Галад.

48. Тогаш Лаван изјави: „Нека овој куп, денес, биде сведок меѓу мене и тебе!” Затоа е и наречен Галад,

49. но и Мисфа, зашто рече: „Господ нека нè надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг.

50. Ако постапуваш лошо кон моите ќерки, или ако земеш други жени покрај моите ќерки, иако никој друг не ќе биде со нас, знај дека Бог ќе биде сведок меѓу мене и тебе!”

51. Потоа Лаван му рече на Јакова: „Еве, тука е купот; тука е столбот што го исправив меѓу себе и тебе:

52. овој куп и овој столб нека бидат сведоштво дека нема да тргнам против тебе, од зад овој куп, и дека ти нема да тргнеш против мене, од зад ова ритче и спомеников.

53. Авраамовиот Бог и Нахоровиот Бог и Богот на нивните татковци нека ни биде наш судија!” Јаков се заколна во Бога - во Стравот на татка си Исака.

54. Потоа Јаков принесе жртва на гората и ги повика своите луѓе да јадат. После јадењето ја поминаа ноќта на гората.

55. Рано наутро, Лаван се крена ги изљуби своите синови и своите ќерки, па ги благослови; тогаш се запати назад во своето место.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 31