Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 31:33-50 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

33. Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор.

34. А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде.

35. Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.” И така бараше, но не ги најде идолите.

36. Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш?

37. Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата.

38. За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо.

39. Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе.

40. Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи.

41. Од овие дваесет години, што ги поминав во твојата куќа, четиринаесет години ти служев за твоите две ќерки, а шест години за твојот добиток, зашто ми ја менуваше заработувачката десетпати.

42. Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди.”

43. Тогаш Лаван му одговори на Јакова: „Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца; стадата се мои стада; сè што гледаш мое е. Но што можам, денес, да им сторам на своите ќерки и на децата, кои ги родиле?

44. Сега јас и ти да склучиме сојуз, за да биде сведоштво меѓу мене и тебе.”

45. Јаков зеде камен и го исправи како споменик,

46. а тогаш Јаков им рече на своите луѓе: „Соберете камења!” Така тие собраа камења и ги нафрлија на куп. Јадеа, таму, на купот.

47. Тогаш Лаван го нарече Јегар Сахадута (Брег на Сведоштво), а Јаков го нарече Галад.

48. Тогаш Лаван изјави: „Нека овој куп, денес, биде сведок меѓу мене и тебе!” Затоа е и наречен Галад,

49. но и Мисфа, зашто рече: „Господ нека нè надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг.

50. Ако постапуваш лошо кон моите ќерки, или ако земеш други жени покрај моите ќерки, иако никој друг не ќе биде со нас, знај дека Бог ќе биде сведок меѓу мене и тебе!”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 31