Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 31:20-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Јаков го залага Арамеецот Лаван така, што и не насетуваше дека ќе бега.

21. И побегна со сè што беше негово. Наскоро го премина Еуфрат и го насочи патувањето кон Галадскиот Рид.

22. На третиот ден го известија Лаван дека Јаков избегал.

23. Тој ги поведе со себе сите свои роднини и го гонеше со потерата седум дни одење; го стигна на гората Галад.

24. Но Бог му се јави на Арамеецот Лаван, ноќе, на сон, и му рече: „Внимавај, да не преземаш нешто против Јакова, ни добро ни зло!”

25. И така Лаван го стигна Јакова. Јаков го имаше оптегнато својот шатор на гората, а и Лаван со своите роднини се настани на гората Галад.

26. Тогаш Лаван му рече на Јаков: „Што сакаш со тоа, измамувајќи ме и одведувајќи ги моите ќерки, како поробени со меч?

27. Зошто избега потајно, ме заблуди и не ме извести? Ќе те испратев со веселба и песна, со тапанчиња и со лира.

28. Не ме остави ни да ги изљубам своите ќерки и своите внучиња! Навистина, постапи лудо.

29. Во сила е на мојата рака да ви напакости; но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’

30. Добро, сега, замини како што копнееше по својот татков дом; но зошто ми ги украде идолите?”

31. Јаков му одговори на Лавана: „Треперев од мислата дека можеш да ми ги одземеш на сила своите ќерки.

32. А во кого ќе ги најдеш своите идоли, тој нека загине! Тука, пред нашите браќа, кажи што е твое при мене, и земи си го!” Јаков не знаеше дека Рахила ги имаше присвоено.

33. Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор.

34. А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде.

35. Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.” И така бараше, но не ги најде идолите.

36. Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш?

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 31