Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 30:23-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани мојот срам!”

24. Му го даде името Јосиф, велејќи: „Господ нека ми придаде и друг син!”

25. Откако Рахила го роди Јосифа, Јаков му рече на Лавана: „Пушти ме да си одам во мојот роден крај!

26. Дај ми ги моите жени, за кои ти служев, и моите деца, за да можам да си одам: па добро знаеш како ти служев.”

27. А Лаван одговори: „Не си оди, ако си ми пријател. Знам дека Господ ме благословуваше заради тебе.”

28. И уште рече: „Одреди си плата, каква сакаш од мене, и ќе ти ја дадам.”

29. Тој му одговори: „Ти добро знаеш што значеше мојата служба за тебе и како му беше на твојот добиток при мене.

30. Тоа малку што го имаше пред моето доаѓање, се зголеми мошне многу, зашто каде и да поминував, Господ те благословуваше на моите чекори. А сега е време да поработам и за својот дом.”

31. Тој го праша: „Колку да ти платам?” Јаков одговори: „Не ми плаќај ништо! Пак ќе го пасам и ќе го чувам твоето стадо, ако ми го сториш ова:

32. Остави ме да поминам денес низ твоето стадо и да ја одделам од него секоја капчеста и шарена овца и секое црникаво од јагнињата и секоја капчеста и шарена од козите! Тоа нека ми биде плата!

33. А во иднина кога со своите очи ќе ја проверуваш мојата плата, мојата чесност ќе биде сведок за мене: ако се најде меѓу моите кози една што не ќе биде шарена или капчеста, или меѓу јагнињата што не ќе биде црникаво, нека се смета за крадено!”

34. Лаван рече: „Добро, нека биде како што кажа.”

35. Но во тој ден, Лаван ги оддели сите шарени и дамкасти јарци, и сите жолтоцрвеникави и шарени кози - секоја што имаше бело на себе и секое црникаво од јагнињата па им ги предаде на своите синови.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 30