Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 30:14-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Еден ден, во времето на пченичната жетва, Рувим најде мандрагори во полето, па и ги донесе на мајка си Лија. И Рахила и рече на Лија: „Дај ми од мандрагорите на сина си!”

15. А Лија одговори: „Зар не ти е доста што ми го одзеде мажот, па уште сакаш да ги земеш од мене и мандрагорите на мојот син?” Рахила одговори: „Па добро, Јаков нека лежи со тебе ноќеска, во замена за мандрагорите на твојот син.”

16. Кога Јаков стигна од поле, приквечер, Лија му излезе во пресрет и му рече: „Ти треба да дојдеш при мене, зашто те зедов под наем за мандрагорите на мојот син.” Таа ноќ тој лежеше со неа.

17. Бог ја послуша Лија; таа зачна па му го роди на Јакова петтиот син.

18. Тогаш Лија рече: „Бог ми врати со награда, затоа му ја отстапив својата слугинка на мажа си.” Затоа на синот му даде име Исахар.

19. Лија зачна пак и му го роди на Јакова шестиот син.

20. Тогаш Лија рече: „Бог ме дарува со скапоцен дар; сега мојот маж ќе ми даде дарови: па му родив шест синови.” Затоа го нарече Завулон.

21. Потоа роди ќерка и и го даде името Дина.

22. А Господ се сети за Рахила: Бог ја послуша и ја отвори нејзината утроба.

23. Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани мојот срам!”

24. Му го даде името Јосиф, велејќи: „Господ нека ми придаде и друг син!”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 30