Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 3:8-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија - човекот и неговата жена - пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината.

9. Господ, Бог, го повика човекот и му рече: „Каде си?”

10. Тој одговори: „Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.”

11. Тогаш му рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?”

12. Човекот рече: „Жената, која Ти ми ја даде со мене, таа ми даде од дрвото, па јадев.”

13. Господ, Бог, и рече на жената: „Што е тоа што го стори?” „Змијата ме измами, па јадов,”- рече жената.

14. Тогаш Господ, Бог, и рече на змијата: „Бидејќи го направи тоа, проклета да бидеш меѓу сите ѕверови и меѓу секое полско животно! По мевот ќе се влечеш и прав ќе јадеш Сите денови на својот живот!

15. Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и Нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата.”

16. А на жената и рече: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе.”

17. А на човекот му рече: „Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи: ‘Не ќе јадеш од него!’ Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот!

18. Ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија.

19. Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен - прав си, и во прав ќе се вратиш.”

20. Човекот и го даде името Ева на својата жена, зашто таа стана мајка на сите живи.

21. И Господ, им направи облеки од кожи на човекот и на неговата жена, и ги облече.

22. И Господ, Бог, рече: „Еве, човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото. Да не ја испружи сега раката, и да набере од дрвото на животот па да јаде и да живее вечно!”

23. Затоа Господ, Бог, го испрати надвор од Еденската Градина, за да ја обработува земјата, од која е и земен.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 3