Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 25:22-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Но децата се судрија така, во нејзината утроба, што таа извика: „Ако е така, зошто да живеам!” И отиде да се посоветува со Господа.

23. И Господ и рече: „Два народа се во твојата утроба; две племиња ќе се одделат од твоето крило. Едниот народ ќе биде посилен од другиот, повозрасниот ќе му служи на помладиот.”

24. Дојде време да роди, кога ете - близнаци беа во нејзината утроба.

25. Се појави првиот. Беше црвен, сиот обрастен како кожна наметка. Затоа го нарекоа Исав.

26. Потоа се појави неговиот брат. Со раката се држеше за петицата на Исава. Затоа го нарекоа со името Јаков. Исак имаше шеесет години, кога се родија тие.

27. Кога децата пораснаа, Исав стана искусен ловец, полски човек. Јаков беше кроток човек и живееше во шатори.

28. Исав му беше помил на Исака, зашто сакаше дивеч, а Ревека го љубеше повеќе Јакова.

29. Еден ден Јаков вареше јадење. Исав дојде од полето, гладен.

30. Исав му рече на Јакова: „Дај ми да јадам од црвеното варило, зашто сум гладен.” Затоа му е името Едом.

31. А Јаков одговори: „Отстапи ми го првин своето првородство!”

32. Исав рече: „Еве ме речиси на умирање; зошто ми е првородството!”

33. Јаков продолжи: „Заколни ми се првин!” Тој му се заколна, и така му го продаде на Јакова своето првородство.

34. Тогаш Јаков му даде на Исава леб и варило од леќа. Јадеше и пиеше, па се крена и си отиде. Така Исав го презре своето првородство.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 25