Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 19:4-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Уште не беа легнале, да одморат, кога жителите на градот, Содомците, млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружија куќата.

5. Го викнаа Лота и му рекоа: „Каде се луѓето, кои дојдоа ноќеска кај тебе? Изведи ни ги, за да ги познаеме?”

6. Лот излезе пред нив, на влезот, и ја затвори вратата зад себе.

7. „Браќа мои - им рече тој - ве молам, не правете го тоа зло!

8. Еве, имам две ќерки, до кои маж уште не се допрел: ќе ви ги изведам нив, па правете со нив што сакате; само на овие луѓе не им правете ништо, зашто дојдоа под сенката на мојот покрив.”

9. „Отстапи оттаму! - рекоа. - Дојде како придојденец, а веќе се поставува како судија. Сега ќе ти сториме тебе поголемо зло отколку ним.” И се засилија кон човекот, Лот, и се нафрлија на вратата, за да ја скршат.

10. Тогаш двајцата ги испружија рацете надвор, го повлекоа Лота при себе, и ја затворија вратата;

11. а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата.

12. Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сè што имаш, изведи ги од местово!

13. Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нè испрати да го уништиме.”

14. Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!” Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува.

15. Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!”

16. Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот.

17. Штом ги изведоа во полето, едниот проговори: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!”

18. Но Лот одговори: „Не така, господине!

19. Туку, ако твојот слуга најде милост во твоите очи - а веќе ми искажа толкава милост, спасувајќи ми го животот - јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 19