Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 19:11-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата.

12. Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сè што имаш, изведи ги од местово!

13. Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нè испрати да го уништиме.”

14. Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!” Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува.

15. Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!”

16. Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот.

17. Штом ги изведоа во полето, едниот проговори: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!”

18. Но Лот одговори: „Не така, господине!

19. Туку, ако твојот слуга најде милост во твоите очи - а веќе ми искажа толкава милост, спасувајќи ми го животот - јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам.

20. Ене град онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало. Остави ме да избегам онаму - местото е навистина мало - дај, да го спасам животот!”

21. Му одговори: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш.

22. Бргу! Бегај онаму, зашто не можам да направам нешто додека ти не стигнеш таму.” Затоа градот се вика Сигор.

23. Додека сонцето изгреваше над земјата, Лот влегуваше во Сигор.

24. Господ истури сулфурен оган од небото на Содом и Гомор,

25. и ги уништи оние градови, и сета таа рамница, сите градски жители и сите растенија на земјата.

26. А Лотовата жена се обѕрна, и се претвори во столб од сол.

27. Утреден, рано во мугрите, Авраам поита на местото каде што стоеше пред Господа,

28. го насочи погледот кон Содом и Гомор и кон сета рамница во далечина: и виде како се крева дим над земјата, како дим од некаква печка.

29. И така Бог, додека ги разурнуваше градовите во рамницата, во кои живееше Лот, се сети за Авраама и го отстрани Лота од пропаст.

30. Лот се плашеше да живее во Сигор, па, со своите две ќерки, отиде од Сигор горе и се настани во планината. Тој и неговите две ќерки живееја во пештера.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 19