Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 18:20-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Тогаш Господ продолжи: „Голема е викотница против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок.

21. Ќе слезам долу да видам дали прават навистина така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.”

22. Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам стоеше уште пред Господа.

23. Тогаш Авраам се приближи и рече: „Ќе го погубиш ли и невиниот со виновниот?

24. Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму?

25. Далеку да е од Тебе тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Далеку да е од Тебе! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?”

26. „Ако најдам педесет праведни во градот Содом - одговори Господ - заради нив ќе го поштедам целото место.”

27. „Еве, јас пак се осмелувам да му зборувам на Господа, - пак проговори Авраам. - Јас, кој сум прав и пепел:

28. Можеби ќе има пет праведници помалку од педесет? Дали би го истребил целиот град заради петмината?” „Нема да го разурнам ако најдам таму четириесет и пет,” одговори.

29. Авраам пак рече: „Можеби ќе се најдат таму само четириесет?” Тој одговори: „Нема да го сторам тоа заради четириесетмината.”

30. Потоа рече: „Господ нека не се лути ако продолжам: „Можеби ќе се најдат таму само триесет?” Одговори: „Нема да го направам тоа ако најдам таму само триесет.”

31. Продолжи натаму: „Еве, пак се осмелувам да му зборувам на Господа. Можеби ќе се најдат таму случајно само дваесет?” Тој одговори: „Нема да го истребам градот заради дваесетмината.”

32. Најпосле рече: „Нека Господ не се гневи, ако речам само уште еднаш: Можеби случајно ќе има таму само десет?” Тој одговори: „Нема да го уништам заради десетте.”

33. Кога Господ го заврши разговорот со Авраама, замина, а Авраам се врати во своето место.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 18