Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 15:2-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Аврам рече: „Господи Боже, што ќе ми се даровите, кога останав без пород; кога овој Елиезер, од Дамаск, ќе го наследи мојот дом?”

3. Аврам рече уште: „Ете, не ми даде потомство, и слугата роден во мојот дом ќе ми биде наследник.”

4. Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.”

5. Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.” И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.”

6. Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност.

7. Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!”

8. А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?”

9. Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.”

10. Тој Му донесе сè тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече.

11. Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше.

12. При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост.

13. И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години;

14. ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо.

15. А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост.

16. Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.”

17. А кога сонцето зајде и падна густа темнина, ете, дим како од печка, а огнен пламен помина меѓу расечените делови.

18. Во тој ден Господ склучи завет со Аврама, велејќи: „Му ја давам земјава на твоето потомство, од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат:

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 15