Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 12:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Аврама: „Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом; и оди во земјата што ќе ти ја покажам.

2. Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов.

3. Јас ќе ги благословам оние, кои ќе те благословуваат, а ќе ги проколнам оние, кои ќе те проколнуваат. И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.

4. Тогаш Аврам тргна, како што му рече Господ. И Лот тргна со него. Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан.

5. Аврам ги поведе со себе: својата жена Сара и својот внук Лот, со целиот имот што го спечалија и со сите луѓе што ги доби во Харан, и сите тргнаа кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа во Ханаан,

6. Аврам ја пропатува земјата до местото Сихем - до дабот Море. Во тоа време Ханаанците живееја во земјата.

7. Господ му се јави на Аврама и рече: „Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство.” И Аврам му направи таму жртвеник на Господа, Кој му се јави.

8. Оттаму се премести кон ридот, што е на исток од Ветил. Таму го оптегна својот шатор, меѓу Ветил на запад и Гај на исток. И таму Му направи жртвеник на Господа и го повика Господовото име.

9. Потоа Аврам продолжи да патува сè кон југ, кон Негев.

10. Кога настапи глад во земјата, Аврам слезе во Египет да поживее таму, зашто голем глад завладеа во земјата.

11. Кога се наближи до влезот во Египет, и рече на својата жена Сара: „Знам дека си убава жена.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 12