23. Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.
24. После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија.
25. И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро.
26. Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!”
27. Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?”
28. Уште и рече царот: „Што ти е?” Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’
29. Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден и реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.”
30. Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото.
31. И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!”
32. Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?”
33. Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?”