12. Еден од придворниците одговори: „Не, господару цару; Елисеј, Израелевиот пророк, му ги открива на израелскиот цар зборовите што ги кажуваш во својата спална.”
13. Тој рече: „Отидете и видете каде е, та веќе ќе испратам да го фатат.” И му јавија: „Ене го во Дотан.”
14. Тогаш царот испрати таму коњи, коли и силни чети. Тие стигнаа ноќе и го опколија градот.
15. Наутро, откако стана Божјиот човек, излезе, а ете околу градот стои војска со коњи и коли! Неговиот момок му рече: „Ах, господару мој, што ќе правиме?”
16. А тој одговори: „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.”
17. И Елисеј се помоли вака: „Господи, отвори му ги очите да види!” И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли!”
18. Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!” И на Елисеев збор ги удри со слепило.
19. Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.” Но ги одведе во Самарија.
20. Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.” Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија!
21. Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?”
22. А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.”
23. Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.
24. После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија.
25. И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро.
26. Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!”
27. Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?”
28. Уште и рече царот: „Што ти е?” Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’