Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 5:20-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Гиезиј, слугата на Елисеја, на Божјиот човек, помисли: „Мојот господар го поштеди Неемана, Арамеецот, и не прими ништо од она што му понуди. Жив ми Господ, ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.”

21. И Гиезиј побрза по Неемана. Кога Нееман го виде дека трча по него, му скочи од својата кола во пресрет и го праша: „Дали е сè добро?”

22. Тој одговори: „Добро е. Мојот господар ме праќа да ти речам: ‘Токму стигнаа два младци од Ефремовата Гора, двајца од пророчките синови. Дај за нив, те молам, талант сребро и две облеки.’”

23. Нееман рече: „Земи, те молам, два таланта!” И настојуваше да земе. И врза два таланта сребро во две ќесиња, и две облеки, и им ги предаде на двајца свои слуги за да ги носат пред него.

24. Кога Гиезиј стигна до Офел, ги зеде од нивните раце и ги скри во куќата. Потоа ги пушти луѓето, и тие си отидоа.

25. Кога дојде, се јави пред својот господар. Елисеј го праша: „Откаде, Гиезиј?” Тој одговори: „Твојот слуга никаде не отиде.”

26. Ама Елисеј рече: „Не беше ли моето срце со тебе кога некој слезе од својата кола та излезе пред тебе? Сега прими сребро, па можеш да купиш маслинови градини, лозја, ситен и крупен добиток, слуги и слугинки.

27. Но Неемановата лепра ќе се прилепи за тебе и за твоето потомство засекогаш.” И Гиезиј се оддалечи од него, бел од лепрата како снег.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 5