Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 5:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар, зашто Господ преку него им даде победа на Арамејците. Ама тој вешт воин беше лепрозен.

2. Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која што потоа и служеше на Неемановата жена.

3. Таа и рече на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!”

4. Нееман отиде и го извести својот господар: „Така и така рече девојката, која дојде од Израелевата Земја.”

5. Арамејскиот цар одговори: „Оди таму! Јас ќе му испратам писмо на израелскиот цар.” Нееман отиде; зеде десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки.

6. И му го предаде на израелскиот цар писмото што кажуваше: „Со писмото што ти пристига, еве, ти го праќам и својот слуга Нееман, за да го излечиш од лепрата.”

7. Кога израелскиот цар го прочита писмото, ги раскина облеките врз себе и рече: „Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој го праќа кај мене за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара причина за да ме нападне!”

8. А кога Елисеј научи дека израелскиот цар ја раскинал облеката врз себе, му порача на царот: „Зошто ги раскина своите облеки? Оној само нека дојде кај мене и нека се увери дека има пророк во Израел.”

9. И така Нееман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа.

10. А Елисеј му порача на дојденикот: „Оди и искапи се седумпати во Јордан, и телото ќе ти биде пак чисто.”

11. Нееман се налути и тргна, велејќи: „Ете, јас мислев ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата.

12. Не се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? Не можам ли да се искапам во нив за да станам чист?” Се сврте и си отиде лут оттаму.

13. Ама неговите слуги му пристапија и му рекоа: „Татко мој, да ти одредеше пророкот и потешко зар не би направил? А камоли кога ти рече: ‘Искапи се, и ќе бидеш чист.’”

14. И така слезе, се изми седумпати во Јордан, според зборот на Божјиот човек; и телото му стана пак како кај мало дете - се очисти!

15. Тој се врати кај Елисеј, со сета своја придружба, влезе, застана пред него и му рече: „Еве, сега знам дека нема Бог во сета земја, освен во Израел. Затоа те молам, прими подарок од својот слуга.”

16. Но тој одговори: „Жив ми Господ, Кому Му служам, не примам.” Нееман настојуваше за да прими, ама тој не сакаше.

17. Тогаш Нееман рече: „Добро, кога не сакаш. Но барем дозволи да ми дадат, мене, на твојот слуга, од оваа земја колку што можат да носат две мазги. Зашто твојот слуга нема веќе да им принесува паленици и жртви на други богови освен на Господа.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 5