33. Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа.
34. Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него, те се стопли телото на детето.
35. Потоа стана и се прошета по куќата таму-ваму, потоа пак се качи, и дишеше над него. А тогаш детето кивна седумпати и ги отвори очите.
36. И Елисеј го повика Гиезиј и рече: „Повикај ја таа Сунамка.” Тој ја повика. Кога стигна пред него, и рече: „Земи го својот син.”
37. Таа, откако влезе, му падна пред нозете и му се поклони до земја. Потоа го зеде сина си и излезе.
38. Елисеј се врати во Галгал, а имаше глад во земјата. И кога пророчките синови седеа пред него, му рече на својот момок: „Стави голем грнец на огнот и свари им јадење на пророчките синови.”
39. Еден од нив отиде во полето да набере зелје, но најде дива лоза, и набра од неа полна облека горчливи плодови. Се врати и ги насече во грнецот, зашто не знаеше какви се.
40. Им турија на луѓето да јадат. Но кога почнаа да јадат, извикаа: „Божји човеку! Смртта е во грнецот!” И не можеа да јадат.
41. Тогаш Елисеј рече: „Донесете брашно!” И го фрли во грнецот и рече: „Турете им на луѓето да јадат!” И веќе ништо не беше штетно во грнецот.
42. Некој човек дојде од Вал Салиса и му донесе на Божјиот човек леб од првите плодови, дваесет јачмени лебови и зрна во класје. А тој заповеда: „Дај им на луѓето да јадат!”
43. Но неговиот момок одговори: „Како можам тоа да го ставам пред сто луѓе?” Тој одговори: „Раздај им на луѓето, и нека јадат, зашто Господ вели вака: ‘Ќе јадат, и ќе остане.’”
44. И тој стави пред нив. И јадоа, и уште остана, според Господовото слово.