Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 4:16-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. ”Догодина во ова доба - и рече - ќе прегрнеш син во прегратка.” А таа рече: „Не, господару мој, не ја измамувај својата слугинка!”

17. Но жената навистина забремени, и роди син во она доба на другата година, како што и рече Елисеј.

18. Детето растеше. Еден ден отиде кај таткото при жетварите.

19. И му се поплака на таткото: „Ох, мојата глава, мојата глава!” А таткото му заповеда на еден момок да го однесе кај мајка му.

20. Тој го зеде и го одведе кај неговата мајка. Остана на нејзините колена до пладне, и тогаш умре.

21. Таа тогаш отиде горе и го положи во постелата на Божјиот човек. Потоа излезе и ја заклучи вратата.

22. Потоа го повика мажа си и му рече: „Испрати ми еден од момците и една ослица; ќе отрчам до Божјиот човек и ќе се вратам.”

23. Тој ја праша: „Зошто да одиш денес кај него? Не е ни млада месечина, ниту е сабота.” Но таа одговори: „Остани во мир!”

24. Откако момокот ја насамари ослицата, таа му рече: „Води и тргни! Не задржувај ме патем, освен ако не ти наредам.”

25. Таа отиде и дојде кај Божјиот човек, на гората Кармил. Кога Божјиот човек ја здогледа оддалеку, му рече на својот момок Гиезиј: „Ене ја онаа Сунамка.

26. Отрчај пред неа и прашај ја: ‘Како си? Дали ти е мажот добро? Дали ти е детето здраво?” Таа одговори: „Здрави сме.”

27. Кога стигна до Божјиот човек на гората му ги прегрна нозете. Гиезиј пристапи за да ја оттргне, но Божјиот човек му рече: „Остави ја, зашто душата и е јадосана. Господ ми крие, ништо не ми објави.”

28. А таа рече: „Зар јас барав син од мојот господар? Нели ти зборував да не ме измамуваш.”

29. Тогаш тој му рече на Гиезиј: „Опаши се, земи го во раката мојот стап, па оди! Ако сретнеш некого, не го поздравувај; ако некој те поздрави, не отпоздравувај му. Положи го мојот стап врз детето.”

30. Ама мајката на детето рече: „Жив ми Господ и жива да е твојата душа, не ќе те оставам!” Тогаш тој стана и тргна по неа.

31. Гиезиј отиде пред нив и го положи стапот врз детето, ама немаше ни глас ни одѕив. Тој се врати пред Елисеј и му јави: „Детето не се разбуди.”

32. Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела.

33. Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 4