Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 3:11-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Но Јосафат му рече: „Нема ли тука Господов пророк за да Го прашаме Господа преку него?” Тогаш одговори еден од слугите на израелскиот цар: „Тука е Елисеј, синот Сафатов, кој ги полеваше со вода Илиевите раце.”

12. Јосафат рече: „Божјото слово е во него.” И израелскиот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар отидоа кај Елисеј.

13. Но Елисеј му рече на израелскиот цар: „Што имам јас со тебе? Побарај ги пророците на твојот татко и пророците на твојата мајка!” Израелскиот цар му одговори: „Не! Зашто Господ ги повика овие три цара за да ги предаде во рацете на Моавците.”

14. Елисеј одговори: „Живиот ми Господ над Силите, Кому Му служам, кога не би гледал на јудејскиот цар Јосафат, не ќе ти обрнував внимание, ниту ќе погледнев на тебе.

15. Сега доведете ми свирач.” И додека свирачот свиреше, Господовата рака слезе над него.

16. И тој рече: „Господ вели вака: ‘Ископајте многу јами во оваа долина.’

17. Зашто Господ вели вака: ‘Не ќе почувствувате ветер ниту ќе видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода. И ќе пиете вие, вашиот ситен и крупен добиток.’

18. Ама тоа уште не е ништо во очите на Господа: Тој ќе го предаде Моав во ваши раце.

19. Вие ќе ги заземете сите утврдени градови, ќе ги исечете сите плодни дрва, ќе ги затрупате сите извори и ќе ги запустите најдобрите полиња: ќе ги посеете со камења.”

20. И навистина, наутро, во времето кога се принесува лебниот принос, дојде вода од Едом и ја преплави сета околина.

21. Кога Моавците чуја дека царевите дојдоа да војуваат со нив, ги повикаа сите кои што беа способни за оружје, и ги поставија на границата.

22. Кога станаа утрото и кога сонцето огреа над онаа вода, на Моавците им се стори отстрана дека водата е црвена како крв.

23. И рекоа: „Тоа е крв! Навистина царевите се судрија меѓусебно и се погубија еден друг. А сега: на грабеж, Моавци!”

24. Но кога стигнаа до израелскиот логор, Израелците се кренаа и ги разбија Моавците, така што овие избегаа пред нив. А Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 3