Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 3:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Јорам, синот Ахавов, се зацари над Израел во Самарија, во осумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја. И владееше дванаесет години.

2. Правеше што е зло во Господовите очи, ама не како неговиот татко и неговата мајка, зашто го отстрани Вааловиот столб што го имаше подигнато татко му.

3. Но се приврзуваше кон гревот со кој Јеровоам, синот Наватов, го заведуваше Израел; и не отстапуваше од него.

4. Миса, моавскиот цар, беше сточар и му праќаше на израелскиот цар за данок сто илјади јагниња и волна од сто илјади овни.

5. Но кога умре Ахав, моавскиот цар се побуни против израелскиот цар.

6. Токму во тоа време царот Јорам излезе од Самарија и изврши смотра на сите Израелци.

7. Потоа му порача на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се побуни против мене. Сакаш ли со мене во војна против Моавците?” Јудејскиот цар одговори: „Сакам! Јас како ти, мојот народ како твојот народ, моите коњи како и твоите коњи.”

8. И додаде: „По кој пат ќе одиме?” А другиот му одговори: „Низ Едомската Пустина.”

9. И така израелскиот цар тргна со јудејскиот цар и со едомскиот цар. Скитаа седум дена, а немаше вода за четите ни за добитокот што идеше по нив.

10. Тогаш израелскиот цар извика: „Ах! Господ ги повика овие три цара, за да ги предаде во рацете на Моавците!”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 3