19. Од градот одведе еден дворјанец, војничкиот заповедник, пет луѓе од царската придружба кои се најдоа во градот, писарот на заповедникот на војската, кој собираше војска од народот, и шеесет луѓе од земниот народ кои се најдоа во градот.
20. Заповедникот на царската телесна стража ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла.
21. И вавилонскиот цар заповеда да ги погубат во Ривла, во Ематската Земја. Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја.
22. На народот што остана во јудејската земја и што го остави вавилонскиот цар Навуходоносор, им го постави овој за управител Годолиј, синот Ахикамов, внукот Сафанов.
23. Сите воени повелници и нивните луѓе научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Годолиј, и дојдоа пред него во Миспа: Нетаниевиот син Исмаил; Каријаевиот син Јоанан; синот Тануметов од Нетофат, Серај; синот Махатов Јазаниј - тие и сите нивни луѓе.
24. Годолиј им се заколна ним и на нивните луѓе, и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците; останете во земјата, бидете му потчинети на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.”
25. Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот Нетаниев, внукот Сафанов, внукот Елисамов, кој беше од царски род, и уште десет луѓе со нив, го убија Годолиј, та тој умре како и сите Јудејци и Халдејци кои беа со него во Миспа.
26. Тогаш сиот народ, од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станаа и отидоа во Египет, зашто се боеја од Халдејците.
27. Во триесет и седмата година откако е заточен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и седмиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил-Меродах во првата година на своето владеење го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темницата.
28. Разговараше со него љубезно и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со нив во Вавилон.
29. Јоахин ги смени своите темнички облеки и јадеше со царот покрај исти стол во текот на сиот свој век.
30. До крајот на неговиот живот вавилонскиот цар трајно, од ден во ден, му даваше издржување.