поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25

Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во негово време дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, и Елијаким му беше потчинет три години, потоа се побуни повторно против него.

2. Овој пак ги испрати против него халдејските ограбувачки чети, арамејските, моавските и амонските, сите ги испрати против Јудеја за да ја запустат, потврдувајќи го словото што Господ го беше објавил преку Своите слуги пророците.

3. Тоа и се случи на Јудеја според Господовата закана дека ќе ја истреби од пред Своето лице заради Манасиевите гревови: заради сè што направи Манасиј,

4. и заради невината крв што ја пролеа, го наполни Ерусалим со невина крв. Господ не сакаше да прости.

5. Другата Елијакимова повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

6. Елијаким почина покрај своите татковци, а неговиот син Јоахин завладеа место него.

7. Египетскиот цар веќе не излегуваше од земјата, зашто вавилонскиот цар освои сè што му припаѓаше на египетскиот цар, од Египетскиот Поток до реката Еуфрат.

8. На Јоахин му беа осумнаесет години кога се зацари, и царуваше три месеци во Ерусалим. Името на мајка му и беше Неуста, ќерка Елнатанова, и беше од Ерусалим.

9. Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше и неговиот татко.

10. Во она време тргнаа луѓето на вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим, и градот беше опколен.

11. Дојде и вавилонскиот цар Навуходоносор за да го нападне градот, додека неговите луѓе го опсадуваа.

12. Тогаш јудејскиот цар Јоахин излезе пред вавилонскиот цар: тој, неговата мајка, неговите слуги, неговите војсководачи и дворјаниците, а вавилонскиот цар го зароби. Тоа беше во осмата година на Навуходоносоровото царување.

13. Тој однесе сè од ризницата на Господовиот Дом и од ризницата на царскиот дворец, и ги скрши сите златни предмети што Соломон, царот на Израел, ги направи за Господовото Светилиште. Така се исполни Господовото слово.

14. Ги одведе на заточение сиот Ерусалим, сите полководци и сите смели борци, околу десет илјади заточеници, со сите ковачи и бравари. Единствено остана најбедниот народ на земјата.

15. Го одведе Јоахина во Вавилон; исто така и царевата мајка и сите цареви жени, неговите дворјанци, моќните на земјата, сите ги одведе од Ерусалим во пленство во Вавилон.

16. Сите способни луѓе, седум илјади, ковачите и браварите илјада на број; сите јунаци способни за бој, сите ги одведе вавилонскиот цар, во Вавилон, во пленство.

17. Вавилонскиот цар го постави за цар место Јоахина неговиот стрико Матаниј, но му го смени името во Седекија.

18. На Седекија му беа дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Амутала, ќерка на Еремиј, а беше од Ливна.

19. Правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше Јоахин.

20. Тоа им се случи на Ерусалим и Јуда заради Господовиот гнев; Господ конечно и ги отфрли од пред Своето лице. Седекија се побуни против вавилонскиот цар.