Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 23:3-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Царот, стоејќи пред столбот, го обнови пред Господа Заветот дека ќе го следи Господа и дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, за да ги исполни сите слова на Заветот, запишани во овој свиток. Сиот народ стапи во Заветот.

4. Царот им нареди на првосвештеникот Хилкиј, на свештениците на вториот ред и на чуварите на храмскиот праг да ги изнесат од Господовото Светилиште сите богослужбени предмети што беа направени за Ваала и за Ашера и за сета небеска војска. Одреди да го изгорат сè тоа надвор од Ерусалим, во Кедронските Полиња, а пепелта ја однесе во Ветил.

5. Ги отстрани паганските свештеници кои јудејските цареви ги поставија за да кадат на високите места, во јудејските градови и во околината на Ерусалим; и оние кои што им кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на ѕвездите и на сета небеска војска.

6. Ја изнесе Ашера надвор од Ерусалим од Господовиот Дом, во Кедронската Долина, и ја спали во Кедронската Долина, ја здроби во прав, а правот го фрли на гробиштата на народните синови.

7. Ги разурна домовите на содомците, кои беа при Господовиот Дом и во кои жените и ткаеја облеки на Ашера.

8. Од сите јудејски градови ги доведе паганските свештеници и ги обессвети високите места каде тие кадеа, од Гева до Вит-Савеа. Потоа ги урна високите места пред вратата, оние што беа пред вратата на Исуса, управителот на градот, одлево кога и се приоѓа на градската врата.

9. Исто така свештениците на високите места не можеа да се искачуваат кон Господовиот жртвеник во Ерусалим, но јадеа бесквасни лебови меѓу своите браќа.

10. Го оскверни Тофет во долината Бен Еном, за да не може никој да го поминува својот син или ќерката низ оган во чест на Молох.

11. Ги отстрани коњите што јудејските цареви му ги принесоа на сонцето при влезот во Господовиот Дом, покрај собата на дворјанецот Натан Мелех, која се наоѓаше во близина, и ја изгоре во оган сончевата кола.

12. Жртвениците на покривот што ги беа изградиле јудејските цареви, и оние кои што ги изгради Манасиј во двата двора на Господовиот Храм, царот ги урна, ги отстрани оттаму и го фрли нивниот прав во Кедронскиот Поток.

13. Високите места што беа спроти Ерусалим, на јужниот дел на Маслиновата Гора, и кои и ги изгради израелскиот цар Соломон на Астарота, сидонска мерзост; на Хемус, моавски срам, и на Мелхом, гадот амонски - царот сите ги оскверни.

14. Ги скрши столбовите, ги откорна ашерите, и нивните места ги наполни со човечки коски.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 23