Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 23:13-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Високите места што беа спроти Ерусалим, на јужниот дел на Маслиновата Гора, и кои и ги изгради израелскиот цар Соломон на Астарота, сидонска мерзост; на Хемус, моавски срам, и на Мелхом, гадот амонски - царот сите ги оскверни.

14. Ги скрши столбовите, ги откорна ашерите, и нивните места ги наполни со човечки коски.

15. Исто така и жртвеникот во Ветил, високото место што го изгради Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе Израел на грев, царот го разурна, ги обори жртвеникот и тоа високо место, ги сотре камењата во прав, ги спали ашерите.

16. А кога Јосиј се сврти и ги виде гробовите што беа таму на гората, испрати да ги соберат коските од оние гробови, и ги спали врз жртвеникот. Така го обессвети, извршувајќи го Господовото слово, кое го објави Божјиот човек (додека Јеровоам беше на жртвеникот за време на свеченоста). Откако се сврте, Јосиј фрли поглед врз гробот на Божјиот човек кој го објави сè тоа,

17. и праша: „Каков споменик е оној што го гледам?” Луѓето од градот му одговорија: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и кој го прорече сè тоа што го направи ти со ветилскиот жртвеник.”

18. ”Оставете го на мир - рече царот - и нека никој не ги допира неговите коски.” Така останаа неговите коски недопрени со коските на пророкот кој дојде од Самарија.

19. Јосиј уште ги разурна сите домови на високите места, што израелските цареви ги изградија по градовите на Самарија за да би Го гневеле Господа и направи со нив како што направи во Ветил.

20. Ги закла сите свештеници на високите места врз жртвениците; врз нив ги изгоре и човечките коски. Потоа се врати во Ерусалим.

21. Царот му нареди на сиот народ: „Празнувајте ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, според обичајот што е запишан во овој книжен свиток на Заветот.”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 23