Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 23:1-7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш царот испрати да се соберат кај него сите јудејски и ерусалимски старешини.

2. Царот потоа отиде во Господовиот Дом со Јудејците, со ерусалимците, со свештениците и пророците, и со сиот народ, од најмалиот до најголемиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот свиток на Заветот кој беше најден во Господовиот Дом.

3. Царот, стоејќи пред столбот, го обнови пред Господа Заветот дека ќе го следи Господа и дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, за да ги исполни сите слова на Заветот, запишани во овој свиток. Сиот народ стапи во Заветот.

4. Царот им нареди на првосвештеникот Хилкиј, на свештениците на вториот ред и на чуварите на храмскиот праг да ги изнесат од Господовото Светилиште сите богослужбени предмети што беа направени за Ваала и за Ашера и за сета небеска војска. Одреди да го изгорат сè тоа надвор од Ерусалим, во Кедронските Полиња, а пепелта ја однесе во Ветил.

5. Ги отстрани паганските свештеници кои јудејските цареви ги поставија за да кадат на високите места, во јудејските градови и во околината на Ерусалим; и оние кои што им кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на ѕвездите и на сета небеска војска.

6. Ја изнесе Ашера надвор од Ерусалим од Господовиот Дом, во Кедронската Долина, и ја спали во Кедронската Долина, ја здроби во прав, а правот го фрли на гробиштата на народните синови.

7. Ги разурна домовите на содомците, кои беа при Господовиот Дом и во кои жените и ткаеја облеки на Ашера.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 23