Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 21:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Но тие не послушаа, Манасиј ги заведе, та правеа уште полошо отколку народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.

10. Тогаш Господ зборуваше вака преку Своите пророци:

11. ”Затоа што јудејскиот цар Манасиј ги вршеше тие мерзости, затоа што направи повеќе зла отколку што правеа Аморејците пред него, и затоа што ги заведе Јудејците со своите кипови на божества,

12. вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе направам да дојде неволја на Ерусалим и на Јудеја, таква што ќе им заѕунат двете уши на оние што ќе чујат за неа.

13. Ќе оптегнам над Ерусалим исто јаже како над Самарија, иста мерилка како над Ахавовиот дом; ќе го избришам Ерусалим како што се брише посатката, па тогаш се превртува.

14. Ќе ги отфрлам остатоците на Своето наследство, ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; ќе им служат за плен и за грабеж на сите свои непријатели,

15. зашто правеа што е зло во Моите очи, и зашто го предизвикуваат Мојот гнев од денот кога нивните татковци излегоа од Египет па сè до денес.’”

16. И многу невина крв пролеа Манасиј, така што со неа се наполни Ерусалим од едниот крај до другиот, а да не се спомнува и неговиот грев со кој го заведе Јуда за да прави што е зло во Господовите очи.

17. Другата Манасиева повест, неговите дела, и гревовите што ги направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

18. Манасиј почина покрај своите татковци и е погребан во градината на својот дворец, во Озината Градина. Син му Амон се зацари место него.

19. На Амон му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Месулемета, ќерка Арусова, и беше од Јотева.

20. Тој правеше што е зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко Манасиј.

21. Во сè го следеше патот на својот татко, им служеше на киповите на кои им служеше и неговиот татко, и им се клањаше.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 21