Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 20:10-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!”

11. Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник.

12. Во тоа време вавилонскиот цар Веродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека се разболел и оздравел.

13. Езекија се израдува од тоа и им ги покажа на пратениците: својата благајна - среброто, златото, мирисите, мирисливото масло - својата оружница и сè што беше во складовите. Немаше ништо во неговиот дворец и во сета негова управа што Езекија не им покажа.

14. Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и откаде дојдоа кај тебе?” Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.”

15. Исаија праша натаму: „Што видоа во твојот дворец?” Езекија одговори: „Видоа сè што е во мојот дворец; нема ништо во моите складови што не им покажав.”

16. Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го Господовото слово:

17. ’Еве доаѓаат денови кога сè што е во твојот дворец, сè што насобрале твоите татковци до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо нема да остане, вели Господ.

18. А од синовите што ќе произлезат од тебе, што ќе ти се родат, некои ќе ги земат за да бидат скопени дворјанци во дворецот на вавилонскиот цар.’”

19. Езекија му одговори на Исаија: „Добро е словото што Господ ти го објави.” А мислеше: „Зошто не? Ако бидат мир и безбедност за време на мојот живот!”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 20