Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 20:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во она време Езекија се разболе на смрт. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и рече: „Господ вели вака: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш; нема да оздравиш.’”

2. Езекија се сврти кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа:

3. ”Ах, Господи! Спомни си милостиво дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека правев што е добро во Твоите очи.” И Езекија заплака горко.

4. Исаија уште не беше излегол од средишниот двор кога му стигна Господовото слово:

5. ”Врати се и речи му на Езекија, на главатарот на Мојот народ, ‘Господ, Бог на твојот татко Давид, вели вака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом.

6. Ќе му додадам на твојот век уште петнаесет години. Ќе ве избавам тебе и овој град од рацете на асирискиот цар; ќе го закрилам овој град заради Себе и заради Својот слуга Давид.”‘“

7. Исаија наложи: „Земете облог од смокви, завиткајте му го врз чирот, и тој ќе оздрави.”

8. Езекија го праша Исаија: „По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излечи и дека по три дни ќе влезам во Господовиот Дом?”

9. Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи што рекол: сакаш ли сенката да се помрдне за десет стапки напред или да се врати за десет стапки?”

10. Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!”

11. Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник.

12. Во тоа време вавилонскиот цар Веродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека се разболел и оздравел.

13. Езекија се израдува од тоа и им ги покажа на пратениците: својата благајна - среброто, златото, мирисите, мирисливото масло - својата оружница и сè што беше во складовите. Немаше ништо во неговиот дворец и во сета негова управа што Езекија не им покажа.

14. Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и откаде дојдоа кај тебе?” Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 20