10. Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.”
11. И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо.
12. Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!” И веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве.
13. И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан.
14. Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?” И кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина.
15. Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух остана на Елисеј!” И му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата
16. и му рекоа: „Еве тука, со нас, твоите слуги, има педесет јунаци. Дозволи им да одат да го бараат твојот господар; можеби Господовиот Дух го однесе и го фрли на некоја гора или во некоја долина.” Тој им одговори: „Не праќајте никого.”
17. Ама бидејќи тие постојано настојуваа, им рече: „Испратете!” И ги испратија педесетмината; го бараа три дни, ама не го најдоа.
18. Се вратија кај Елисеј, кој остана во Ерихон, и тој им рече: „Не ли ви реков: Не одете!”
19. Жителите од градот му рекоа на Елисеј: „Убаво е во градот, како што може да го види тоа и нашиот господар, ама водата е лоша и земјата неплодна.”
20. Тој рече: „Донесете ми нова чинија и ставете сол во неа!” И тие му донесоа.
21. Тој тогаш отиде кај изворот, ја фрли солта во неа и рече: „Господ зборува вака: ‘Ја исцелувам оваа вода. Од неа нема веќе да има ни смрт ни неплодност.’”
22. И водата стана здрава, и таква е до денешниот ден, според зборот што го рече Елисеј.
23. Оттаму се искачи во Ветил. Додека одеше патем, од градот излегоа деца и му се потсмеваа, говорејќи: „Дојди, бескосник! Дојди, бескосник!”
24. Тој се обѕрна, ги погледа и ги проколна во Господово Име. И веднаш излегоа две мечки од шумата и раскинаа четириесет и две деца.
25. Оттаму отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.