Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 2:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Еве што се случи кога Господ го вознесе Илија на небо во виор: Илија и Елисеј тргнаа од Галгал.

2. И Илија му рече на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме праќа до Ветил.” Елисеј одговори: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!” И слегоа до Ветил.

3. А пророчките синови кои што престојуваа во Ветил му излегоа во пресрет на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!”

4. Илија му рече: „Елисеј! Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа во Ерихон.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И влегоа во Ерихон.

5. Пророчките синови кои што живееја во Ерихон му пријдоа на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!”

6. Илија му рече: „Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа кон Јордан.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И така тргнаа обајцата.

7. И педесет пророчки синови тргнаа и застанаа подалеку, додека тие двајца се задржаа на брегот на Јордан.

8. Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни. И обајцата поминаа по суво.

9. А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?” А Елисеј одговори: „Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене!”

10. Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.”

11. И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо.

12. Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!” И веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве.

13. И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан.

14. Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?” И кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина.

15. Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух остана на Елисеј!” И му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 2