Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 19:2-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Потоа ги испрати Елијаким, управителот на дворецот, писарот Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, кај пророкот Исаија, синот Амосов.

3. Тие му рекоа: „Езекија вели вака: ‘Ова е ден на неволја, казна и ругање. Децата стасаа до раѓање, а нема сила да се родот.

4. Можеби Господ, твојот Бог, чу што рече големиот достоинственик кого асирискиот цар, неговиот господар, го испрати да го хули живиот Бог, и можеби Господ, твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чул! Помоли се за Остатокот што уште остана.’”

5. Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија,

6. тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Господ вели вака: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа Мене слугите на асирискиот цар.

7. Ќе вдахнам во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.”‘“

8. Големиот достоинственик се врати и го најде асирискиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот си отиде од Лахис.

9. Имено, ја чу веста за Тирак, етиопскиот цар: „Еве, излезе да се бори против тебе.” Тогаш Сенахирим испрати пак пратеници за да му кажат на Езекија:

10. ”Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те мами твојот Бог, во кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирискиот цар!”

11. Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш?

12. Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар?

13. Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’”

14. Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму.

15. И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата.

16. Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог.

17. Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји;

18. им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија.

19. Но сега, Господи, Боже наш, избави нè од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 19