Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 18:3-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Правеше што е право во Господовите очи, сосем како неговиот татко Давид.

4. Тој ги отстрани високите места, ги разурна столбовите, ги исече ашерите и ја скрши змијата од бронза, што ја беше направил Мојсеј. Израелците сè дотогаш и принесуваа жртви. Ја викаа Неустан.

5. Се надеваше во Господа, Израелевиот Бог. Ни пред него ни по него му немаше рамен меѓу јудејските цареви.

6. Се прилепи кон Господа и никогаш не се сврти од Него. Ги пазеше сите заповеди што ги даде Господ преку Мојсеја.

7. И Господ беше со него, го помагаше во сите негови потфати. Се побуни против асирискиот цар и веќе не му беше потчинет.

8. Тој ги разби Филистејците до Газа, ги запусте нивните подрачја, од стражарските кули сè до утврдените градови.

9. Во четвртата година на Езекиевото владеење, а тоа беше седмата година од царувањето на израелскиот цар Осиј, синот Илин, асирискиот цар Салманасар ја нападна Самарија и ја опсади.

10. Ја освои после три години. Во шестата година на Езекиевото владеење, а во деветтата година на израелскиот цар Осиј, падна Самарија.

11. Асирискиот цар ги одведе Израелците во ропство во Асирија и ги насели во Халах, покрај Авор, гозанската река, и во мидиските градови.

12. Тоа беше затоа што не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и зашто го прекршија Неговиот Завет и сè што им нареди Мојсеј, Господовиот слуга. Не слушаа ништо ниту исполнуваа.

13. Во четиринаесеттата година на Езекиевото владеење, асирискиот цар Сенахирим ги нападна утврдените јудејски градови и ги освои.

14. Тогаш јудејскиот цар Езекија му порача на асирискиот цар во Лахис: „Згрешив! Прекрати ги своите напади врз мене. Ќе носам сè што ќе наложиш.” Асирискиот цар побара од Езекија, јудејскиот цар, триста таланти сребро и триесет таланти злато.

15. И Езекија го даде сето сребро што се најде во Господовиот Дом и во ризниците на царскиот дворец.

16. Во тоа време Езекија ги откова вратата и вратниците на Господовото Светилиште што тој самиот, јудејскиот цар Езекија, ги имаше позлатено, и тоа му го испрати на асирискиот цар.

17. Асирискиот цар му ги испрати од Лахис во Ерусалим на јудејскиот цар Езекија врховниот заповедник на војската, големиот дворјанец и пехарникот со силна војска. Тие тргнаа, а кога стигнаа во Ерусалим, застанаа кај водоводот на Горниот Рибник, на патот во Валавичарското Поле.

18. Тие го повикаа царот. Пред нив излегоа управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 18