Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 17:14-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Но тие не послушаа, туку останаа со корави вратови како и нивните татковци, кои не веруваа во Господа, својот Бог.

15. Ги презираа Неговите закони и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите опомени што им ги упатуваше. Се стремеа кон суетата, па и самите станаа суетни, следејќи ги народите околу себе, иако Господ им заповеда да не прават како нив.

16. Ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња. Подигнаа ашери, и се клањаа на сета небеска војска и му служеа на Ваала.

17. Ги поминуваа своите синови и ќерки низ оган, се предаваа на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го.

18. Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице. Остана само Јудиното племе.

19. Но Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и ги следеше обичаите што ги држеа Израелците.

20. И Господ го отфрли сиот род на Израел, го понижи и им го предаде на ограбувачите, додека не ги отфрли конечно далеку од Своето лице.

21. Конечно, Тој ги оттргна Израелците од Давидовата куќа, а Израел го прогласи за цар Јеровоам, синот Наватов. Јеровоам го одврати Израел од Господа и го наведе на голем грев.

22. Израелците го следеа секој грев што ќе го направеше Јеровоам, и не се одвраќаа од него,

23. додека конечно Господ не го отфрли Израел од пред Своето лице, како што тоа го беше објавил преку Своите слуги, пророците. Ги одведе Израелците од нивната земја во ропство во Асирија, каде се до денешниот ден.

24. Асирискиот цар доведе луѓе од Вавилон, од Хута, од Ава, од Емат и од Сефарваим, и ги насели во градовите на Самарија место Израелците. Тие ја присвоија Самарија и се населија во нејзините градови.

25. За време на населувањето во земјата, не Го почитуваа Господа, и Тој испрати лавови против нив за да ги растргаат.

26. Затоа му рекоа на асирискиот цар: „Народите што ги пресели за да ги населиш во градовите на Самарија, не знаат како треба да се почитува Бог на оваа земја, и Тој испрати против нив лавови, кои ги усмртуваат зашто тие народи не го познаваат богопочитувањето на оваа земја.”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 17