Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 17:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во дванаесеттата година на царувањето на Ахаз во Јудеја, Осиј, синот Илин, стана израелски цар во Самарија. Царуваше девет години.

2. Тој правеше што е зло во Господовите очи, но не како израелските цареви, неговите претходници.

3. Асирискиот цар Салманасар тргна против Осиј, кој му се покори и му плаќаше данок.

4. Но асирискиот цар откри дека Осиј му подготвува заговор: Осиј уште испрати пратеници кај египетскиот цар Сој и не му го плати данокот на асирискиот цар како секоја година. Тогаш асирискиот цар го фрли во темница.

5. Асирискиот цар ја освои сета земја и тргна да ја опсадува Самарија.

6. Во деветтата година на Осиевото царување, асирискиот цар ја зазеде Самарија и ги одведе Израелците во ропство во Асирија. Ги насели во Ава, и покрај Авор, река во Гозана, и во мидиските градови.

7. И се случи така зашто Израелците згрешија против Господа, својот Бог, кој ги изведе од Египетската Земја, од под власта на фараонот, египетскиот цар. Почитуваа други богови,

8. ги следеа обичаите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови, живееја според обичаите што ги воведоа израелевите цареви.

9. Израелците и нивните цареви постојано правеа незгодни дела против Господа, својот Бог. Подигнаа високи места во сите свои населби: од стражарските стражарници па до утврдените градови.

10. Подигнаа столбови и ашери на секое повисоко ритче и под секое зелено дрво.

11. Таму, на сите високи места, кадеа според обичајот на народите што Господ ги протера пред нив, и правеа лоши дела та го предизвикуваа Господовиот гнев.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 17