Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 13:12-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Другата Јоасова повест, сè што направи, неговите јунаштва, како војуваше со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

13. Јоас почина со своите татковци, а Јеровоам се искачи на неговиот престол. Го погребаа Јоаса во Самарија, покрај израелските цареви.

14. Кога Елисеј се разболе од болест од која што требаше да умре, му дојде израелскиот цар Јоас, се расплака над него и му рече: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!”

15. Елисеј му рече: „Земи лак и стрели.” И тој ги зеде лакот и стрелите.

16. Тогаш Елисеј му рече на царот: „Оптегни го лакот!” И тој го оптегна. Елисеј ги стави рацете врз царевите раце,

17. потоа рече: „Отвори го прозорецот кон исток.” И тој го отвори, а на тоа Елисеј рече: „Стрелај!” И тој исфрли стрела, а Елисеј рече: „Победоносна Господова стрела! Победничка стрела над Арамејците! До нозе ќе ги разбиеш Азамејците кај Афек.”

18. И продолжи: „Земи ги стрелите!” Тој ги зеде. Тогаш Елисеј му рече на царот: „Удри на земјата!” Тој удри трипати и застана.

19. Тогаш Божјиот човек се разгневи на него и рече: „Требаше да удриш пет или шестпати! Тогаш потполно ќе ги разбиеше Арамејците; вака ќе ги победиш само трипати.”

20. Потоа Елисеј умре, и го закопаа. А ограбувачките чети на Моавците ја напаѓаа земјата секоја година.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 13