Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 12:11-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Преброените сребреници му беа врачувани на управителите на работите за поправка на Господовиот Дом, а тие им исплаќаа на дрводелците и на градежниците, кои работеа во Господовиот Дом,

12. и на ѕидарите и на делкачите на камен, и за набавување на дрво и на делкан камен, одредени за поправка на Господовиот Дом, накратко: за трошоците за поправката на Домот.

13. Но во Господовиот Дом не се правеа сребрени чаши, ни ножеви, ни котлиња, ни труби, ниту било каков предмет од злато или од сребро за сребрениците што беа подарени,

14. туку им ги даваа на работниците кои ги главија за поправка на Господовиот Дом.

15. Не се бараше сметка од луѓето на кои им ги предаваа сребрениците за да ги дадат на трудбениците, зашто тие работеа совесно.

16. Сребрениците од надоместоците за престап и за грев не се внесуваа во Господовиот Дом, туку им припаѓаа на свештениците.

17. Тогаш Азаил, арамејскиот цар, тргна на војна против Гат и го освои. Потоа одлучи да тргне против Ерусалим.

18. Јоас, јудејскиот цар, ги зеде сите посветени дарови кои ги посветија јудејските цареви, неговите татковци: Јосафат, Јорам и Охозиј, сè што самиот посвети и сето злато што се најде во ризниците на Господовиот Дом и на царскиот дворец. Сè тоа му го испрати на Азаил, арамејскиот цар, и така тој се оддалечи од Ерусалим.

19. Другите Јоасови дела и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

20. Неговите стотници станаа и направија заговор; го убија Јоаса во Вет Мило кога слегуваше во него, на патот за Сило.

21. Неговите стотници Јоазахар, синот Симеатов, и Јозавад, синот Сомиров, му зададоа смртен удар. Го закопаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град, а неговиот син Амасиј се зацари место него.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 12