Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 1:11-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Царот му испрати друг педесетник со неговите педесетмина; а тој, кога дојде, му рече: „Божји човече! Царот го заповеда ова: ‘Слези бргу!’”

12. Илија му одговори и му рече: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека ве проголта тебе и твоите педесетмина.” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.

13. Царот испрати пак педесетник и неговите педесетмина. Третиот педесетник дојде, ги свитка колената пред Илија и го замоли вака: „Божји човече! Мојот живот и животот на овие педесет твои слуги нека биде скапоцен во твоите очи!

14. Оган се спушти од небото и ги проголта обата педесетници со нивните педесетмина; но сега барем мојот живот нека биде скапоцен во твоите очи!”

15. Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него, не бој се!” Тој стана и слезе со него пред царот,

16. и му рече: „Господ вели вака: ‘Затоа што му праќаше гласници на Вал-Зевул, акаронскиот бог, по совет, не ќе слезеш од постелата, во која си легнал, туку ќе умреш.’”

17. И умре според Господовото слово, кое го објави Илија. А Јорам, неговиот брат, се зацари место него во втората година на Јорам, синот Јосафатов, јудејски цар, зашто оној (Охозиј) немаше син.

18. Другите дела на Охозиј, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 1