Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 1:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По Ахавовата смрт, Моав се побуни против Израел.

2. Бидејќи Охозиј беше паднал низ прозорската решетка на својата горница во Самарија и се повреди, испрати пратеници, на кои им рече: „Одете, прашајте го Вал-Зевул, акаронскиот бог, дали ќе оздравам од оваа болест.”

3. Но Господовиот ангел му рече на Тесвиецот Илија: „Стани! Оди во пресрет на пратениците на самарискиот цар и речи им: ‘Зар нема Бог во Израел те одите да се советувате со Вал-Зевул, акаронскиот бог?’

4. И затоа Господ вели вака: ‘Нема да слезеш од постелата во која си легнал, бездруго ќе умреш.’” И Илија си отиде.

5. Пратениците се вратија кај Охозиј, а тој им рече: „Што е тоа што веќе се вративте?”

6. Тие му одговорија: „Нè сретна некој човек и ни рече: ‘Одете, вратете се пред царот, кој ве испратил, и речете му: „Господ вели вака: ‘Зар нема Бог во Израел та си испратил по совет кај Вал-Зевул, акаронскиот бог? Затоа нема да слезеш од постелата во која си легнал, туку ќе умреш.’”‘“

7. Тој ги праша: „Каков беше на изглед тој човек кој ве сретна и кој ви ги рече тие зборови?”

8. А тие му одговорија: „Тоа беше човек во кожув и со кожен појас околу половината.” Тој рече: „Тоа е Илија Тесвиецот!”

9. Тогаш му го испрати педесетникот, со неговите педесетмина, и тој отиде кај него и, откако го најде каде седи на врвот на брегот, му рече: „Божји човече! Царот нареди: ‘Слези!’”

10. Илија одговори и му рече на педесетникот: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека те проголта, тебе и твоите педесетмина!” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.

11. Царот му испрати друг педесетник со неговите педесетмина; а тој, кога дојде, му рече: „Божји човече! Царот го заповеда ова: ‘Слези бргу!’”

12. Илија му одговори и му рече: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека ве проголта тебе и твоите педесетмина.” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.

13. Царот испрати пак педесетник и неговите педесетмина. Третиот педесетник дојде, ги свитка колената пред Илија и го замоли вака: „Божји човече! Мојот живот и животот на овие педесет твои слуги нека биде скапоцен во твоите очи!

14. Оган се спушти од небото и ги проголта обата педесетници со нивните педесетмина; но сега барем мојот живот нека биде скапоцен во твоите очи!”

15. Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него, не бој се!” Тој стана и слезе со него пред царот,

16. и му рече: „Господ вели вака: ‘Затоа што му праќаше гласници на Вал-Зевул, акаронскиот бог, по совет, не ќе слезеш од постелата, во која си легнал, туку ќе умреш.’”

17. И умре според Господовото слово, кое го објави Илија. А Јорам, неговиот брат, се зацари место него во втората година на Јорам, синот Јосафатов, јудејски цар, зашто оној (Охозиј) немаше син.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 1